Фудбалската репрезентација на Македонија во петок ќе отпатува за Луксембург каде против домаќинот ќе го одигра натпреварот од седмото коло во Ц групата, во квалификациите за пласман на Европското првенство.
Македонија на овој меч ќе настапи без Адеми и Силјановски, како и без Димитровски кој откако само иницијативно ги напушти подготвките, се вратил во хотелот и им се извинил на соиграчите и на сите од стручниот штаб.
Селекторот на репрезентацијата Љубинко Друловиќ вели дека веќе го знае тимот кој ќе го започне мечот во Луксембург за кој смета дека е многу поважен за неговиот тим од оној против Шпанија на 8 –ми септември.
„Луксембург е противник кој постојано напредува во последните години, поради тоа мислам дека нé очекува тежок натпревар. Веќе во главата го имам тимот кој ќе го започне натпреварот. Треба да одиграме офанзивно, да ја конторлираме играта и да бидеме конкретни во завршниците од нападите. Очекувам играчите да бидат дисциплинирани и ефикасни“, рече Друловиќ.
Македонија во Ц групата се наоѓа на претпоследното место со три бода кои се освоени токму против Луксембург на 9-ти октомври минатата година (3:2). Мечот на 5-ти септември ќе започне во 18 часот.