17 мај, 2024
ПочетнаИНТЕРЕСНОСекоја победа на ЕП ќе биде успех за кошаркарите

Секоја победа на ЕП ќе биде успех за кошаркарите

mk basket

Македонската кошаркарска репрезентација е подготвена за настап на Европското првенство, кое првпат во историјата ќе се одржува во четири држави (Франција, Германија, Латвија, Хрватска). Шестото учество на континенталните првенства македонските кошаркари ќе го стартуваат во Ц групата, во Загреб.

Полн со дебитанти националниот тим е подготвен за сите предизвици кои го очекуваат на Европското првенство. Групата во Загреб е исклучително тешка (Хрватска, Словенија, Грција, Грузија, Холандија) и според селекторот Србиновски и претседателот на Федерацијата Петар Наумовски, секоја победа ќе биде голем успех за овој тим.

„Очекувањата на Федерацијата од ова ЕП се, пред сѐ, афирмација на младите играчи кои во наредните квалификации ќе започнат да покажуваат вистински резултати. Сите сме свесни дека оваа селекција и овие играчи, односно поголем дел од нив, немаат никакво искуство на ЕП. Верувам дека младоста и искуствот ќе се сплотат на вистински начин, а успех ќе биде доколку победиме на еден или два натпревара, сѐ повеќе од тоа сметам дека ќе биде како да сме освоиле медал“, рече првиот човек на Кошаркарската федерација на Македонија, Петар Наумовски.

„Секоја победа на оваа репрезентација ќе биде успех, доколку победиме на две среби и се пласираме во следната фаза, тоа ќе биде фантастичен резултат. Сепак, нема да ни биде лесно, ги знаеме противниците и знаеме во какви состави ќе играат. Нашата шанса е мечот од второто коло со Холандија, тука треба да одиграме максимално за да победиме, а потоа да почекаме да ни се „отворат картите“ за пласман во наредната рунда. Според мене, мечот со Холандија е клучен за натамошниот тек на ЕП. Ние ќе сториме сѐ за да ја победиме Холандија“, рече селекторот Србиновски.

Македонија во подготвителниот период одигра девет натпревари, забележа четири победи и пет порази.

„Контролните натпревари беа корисни за воигрување на играчите. Квалификациите ги играше еден тим, сега ситуацијата е малку поинаква со Владо Илиевски и Предраг Самарџиски. Хендрикс се приклучи малку подоцна и мора да признаам дека на подготовките дојде со некој килограм повеќе, значи беше целосно неподготвен. Ние се обидовме на оваа турнеја целосно да го вратиме во натпреварувачкиот ритам. Турнејата беше напорна, можеби тоа и ги спречи играчите да го дадам максимумот. Мислам дека сме подготвени за настап на ЕП и дека во Загреб ќе се прикажеме во вистинско светло“, дополни Србиновски.

Селекторот претходно во вторникот го соопшти конечниот список на играчи коишто ќе ги бранат боите на Македонија на ЕП. Последни кои отпаднаа од списокот беа Андреј Магдевски и Марјан Јаневски.

„Кратењето на списокот беше најтешкото нешто во овие подготвки. Да избришете двајца кошаркари кои комплетно ги минаа подготвките е тешка задача, можам да кажам дека сите играчи кои ги минаа подготвките заслужија да играат на ЕП. Сепак, мислам дека овие 12 кошаркари во моментов можат да дадат најмногу“, додаде селекторот.

Македонските кошаркари ЕП ќе го отворат со натпреварот против Грција на 5-ти септрмври, а потоа ги очекуваат дуелите против Холандија (6-ти септември), Хрватска (8-ми септември), Грузија (9-ти септември) и Словенија (10-ти септември).

Македонија на ЕП ќе ја преставуваат: Владо Илиевски, Војдан и Дамјан Стојановски, Дарко Соколов, Александар Костовски, Марко Симоновски, Владимир Брчков, Стојан Ѓуровски, Љубомир Младеновски, Предраг Самарџиски, Ричард Хендрикс и Бојан Трајковски.

Нашите најдобри кошаркари во четврток рано наутро со авион заминуваат за Загреб каде ќе се одигра првата фаза на Првеството. Инаку покрај селекторот Србиновски во стручниот штаб на нашиот национален тим се и тренерите Перо Блажевски и Александар Јончевски и италијанскиот стручњак за физичка подготовка Џакомо Браида.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП