23 април, 2025
ПочетнаИНТЕРЕСНОФутсал: Железарец прв фаворит во Ф групата

Футсал: Железарец прв фаворит во Ф групата

Zelzarec-Trening-grupna

Македонскиот футсал шампион Железарец, од четврток до сабота, ќе биде домаќин на претквалификацискиот турнир Футсал купот, односно футсал Лигата на шампиони. Противници на Железарец ќе му бидат шампионите на Естонија и на Израел, Аугур односно Бен Гурион.

Железарец е фаворит за обезбедување на првото место во Групата Ф, кое носи пласман во наредната рунда, односно на турнирот во Братислава каде покрај домаќинот Словоматик ќе учествува и холадскиот Ајндховен, односно победникот од претквалификацискиот турнир во Групата Д на кој учествуваат Лункс (Гибралтар), Сантос Петрт (Шкотска), Сиеви (Финска) и Гроруд (Норвешка).

„Ја прифаќаме улогата на фаворит, што е сосема логично во оваа ситуација. Факт е дека Железарец е подобар тим од прваците на Естонија и на Израел, така што не бегаме од одговорноста. Ние само треба на еден полесен начин да обезбедиме две победи и да се пласираме во наредната рунда. Во подготвителниот период добро работевме, одигравме и неколку натпревари кои нѝ покажаа каде во моментов се наоѓаме. Задоволен сум од некои сегменти во играта, но имаме и одредени проблеми кои веќе подолг период се присутни и ќе се обидеме во наредните денови да го исправиме тоа. Мега изненадување ќе биде доколку не се пласираме во наредната рунда“, рече на прес-конференцијата тренерот на македонскиот футсал првак, Иван Божовиќ.

Тренерот на Железарец информира дека здравствениот билтен е добар, дека сите играчи се подготвени за настап. Вели дека пред почетокот на турнирот постои позитивна трема кај играчите и дека сите се насочени само кон претстојните два натпревара, дека за наредниот турнир во Братислава никој не размислува.

„Ние мора да одиме чекор по чекор, никој досега во клубот не ја споменува Словачка. Сите наши напори се насочени кон овој турнир, односно кон Аугур и Бен Гурион, екипи кои се составени во најголем дел од репрезентативци на своите држави. Но реално е дека тие екипи се иднивидуално, тактички и технички под нашето ниво. Играчите мора да знаат дека на сите гледачи кои ќе дојдат на нашите натпревари ќе мора да им пружат моменти на задоволство“, рече Божовиќ кој дополни дека Бен Гурион ќе биде многу посериозен ривал од естонскиот шампион.

„Тоа е екипа која со години игра заедно. Костурот на тимот од шест-седум играчи е секогаш истиот и само се придодава по некој играч. Тренерот е воедно и селектор на футсал репрезентацијата на Израел веќе десет години. Аугор првпат учествува во Лигата на шампионите, тие првпат ја освоија титулата во Естонија. Од тој тим знам многу малку играчи, само тројца или четворица“, додаде.

Натпреварите во Групата Ф ќе се играат во СРЦ Кале, в четврток Железарец ќе игра против Аугур, во петок на програмата е мечот Аугур-Бен Гурион, а турнирот ќе заврши во сабота со дуелот меѓу Железарец и Бен Гурион.

Сите натпревари ќе се играат со почеток во 20 часот, влезот за гледачите е бесплатен, а исто така од сите натпревари ќе има стрим во живо на интернет страницата на Железарец.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП