Новак Ѓоковиќ – Александар Долгополов и Енди Мареј – Роџер Федерер се полуфиналните двојки на Мастерс турнирот од серијата 1000 кој се игра во Синсинати.
Првиот носител Ѓоковиќ во четвртфиналето забележа рутинска победа над Стен Вавринка 6:4, 6:1. Швајцарецот се бореше во мечот сé до резултатот 4:3 во првиот сет, кога неговата игра целосно се распадна, Ѓоковиќ освои седум гејмови во низа и лесно го заврши мечот.
Украинецот Долгополов направи изненадување со триумфот над Томаш Бердих кој на овој турнир беше петти носител. Долгополов победи со 2:0 (6:4, 6:2).
Мареј и во мечот со Ришар Гаске успеа да направи пресврт и да стигне до полуфиналето. Гаске го доби првиот сет со 6:4, во вториот Мареј го подигна нивото на својата игра и го доби сетот со 6:1, а во третиот сет Мареј имаше повеќе нерви и сила и го доби со 6:4.
Противникот на Мареј во полуфинлето, Роџер Федерер, без проблеми славеше над Фелисијано Лопез со 6:3, 6:4.
Полуфиналните мечеви на Мастерсот во Синсинати се на програмата во сабота, а финалето е во недела.