Селекторот на фудбалската репрезентација на Македонија, Љубинко Друловиќ, го соопшти списокот на играчи за квалификациските натпревари кои националниот тим ќе ги одигра против Луксембург и Шпанија. На списокот на Друловиќ има тројца дебитанти, двајца од Работнички Горан Силјановски и Милован Петровиќ и бекот на Нови Пазар, Стефан Ашковски.
„На списокот има 21 фудбалер, но оставив простор евентуално да повикам уште двајца фудбалери во наредниот период. Ќе почекаме да заврши ова коло, почеток е на сезоната, некои играчи штотуку најдоа нови клубови, некои се повредени, па поради тоа ќе почекаме да видиме што ќе се случува. Поради тоа оставивме простор и можно е да повикаме уште двајца фудбалери. На овој список има играчи кои со игрите во своите клубови заслужија да бидат повикани во репрезентацијата. Не очекуваат два тешки натпревари пред се мечот со Луксембург за кој мора максимално да се подготвиме, бидејќи посакуваме победа на тој меч со што би направиле добра увертира за мечот со Шпанија“, рече на прес конференцијата селекторот Друловиќ.
„Еден од најголемите проблеми на оваа репрезентација е што нашите фудбалери не се стандардни во своите клубови. Голем проблем е кога одредени фудбалери од кои репрезентацијата многу очекува не играат доволно во своите екипи. Тие мора да бидат носители на играта во своите клубови за да можат истото да го прават и во репрезентацијата. Еве сега на почетокот од сезоната имавме доста играчи кои не се стандардни во своите клубови и тоа е еден од најголемите проблеми не само за мене туку и за селекторот на младата селекција. Едноставно никогаш не можете да биде сигурни дали фудбалерите ви се во добра форма или не“, додава селекторот.
Друловиќ ја повтори определбата дека има намера да створи силна база и како што рече нема многу промени во однос на списокот кој го објави пред мечот со Словачка. Селекторот упати пофални зборови за фудбалерите на Работнички за кои рече дека со својот однос на теренот го заслужиле повикот во репрезентацијата.
„Работнички на најдобар начин го престави македонскиот фудбал, мислам дека е еден од ретките македонски тимови каде своја шанса добиваат младите фудбалери што е исклучително важно. Односот кон играта кои тие го покажуваат (ги гледав против Јеглава, Трабзон и Рубин) е фантастичен, се надевам дека истиот однос ќе го имаат и во А репрезентацијата. Сигурно е дека нивната позитивна енергија е важна за репрезентацијата“, рече Друловиќ.
Првиот собир репрезентацијата ќе го има на 31-ви август, за Луксембург фудбалерите ќе заминат на 4-ти септември, по натпреварот кој е закажан за 5-ти септември фудбалерите се враќаат во Скопје каде ќе ги продолжат подготвките за мечот со Шпанија кој ќе се одигра на 8-ми септември.
Голмани: Томе Пачовски (Вардар), Столе Димитриевски (Гранада, Шпанија).
Одбрана: Даниел Мојсов (Аданаспор, Турција), Ванче Шиков (Австрија Виена, Австрија), Кире Ристевски (Работнички), Владимир Димитровски (Керкира, Грција), Стефан Ристовски (Ријека, Хрватска), Горан Силјановски (Работнички), Стефан Ашковски (Нови Пазар, Србија), Леонард Жута (Хакен, Шведска), Езгијан Алијоски (Шафхаузен, Швајцарија).
Среден ред: Аријан Адеми (Динамо Загреб, Хрватска), Милован Петровиќ (Работнички), Никола Глигоров (Вардар), Ферхан Хасани (Шкендија), Александар Трајковски (Палермо, Италија), Муарем Муарем (Ескишехиспор, Турција), Агим Ибраими (Марибор, Словенија).
Напад: Мирко Ивановски (Видеотон, Унгарија), Јован Костовски (Леувен, Белгија), Бесарт Абдурахими (Локерен, Белгија).