Германскиот шампион Баерн го продолжи долгогодишното партнерство со „Дојче Телеком“. Фудбалскиот клуб и телекомуникациска компанија потпишаа нов договор до 2023-та година.
Двете страни одбија да ги откријат параметрите од договорот. Претставникот на „Дојче Телеком“, Михаел Хагшпил сепак најави дека компанијата троши 50 милиони евра годишно за спонзорство, а повеќе од половина одат за Баерн.
За да се рекламира на дресовите на баварците, телекомот плаќа помеѓу 25 и 30 милиони евра по сезона во зависност од резултатите на тимот, тврди „Reuters Deutschland“, повикувајќи се на анонимен извор од клубот.
Oсвен тоа, „Дојче Телеком“ се грижи за технолошката инфраструктура на „Алијанц арена“. Компанијата испорачува екрани и обезбедува безжична локална мрежа за мобилните уреди на гледачите.
Баерн Минхен и „Дојче Телеком“ соработуваат од 2002-ра година.
Во април оваа година, германскиот шампион го обнови договорот и со другиот главен спонзор – „Адидас“. Договорот за испорака на опрема беше продолжен до 2030-та година за наводна сума од 900 милиони евра.