28 април, 2025
ПочетнаИНТЕРЕСНООдбраната и физичката подготвеност главни адути на кошаркарите

Одбраната и физичката подготвеност главни адути на кошаркарите

kosarkarite

Цврстата игра во одбрана, добрата физичка подготвеност и брзата транзиција од одбрана во напад ќе бидат главните адути на машката кошаркарска репрезентација на претстојното Европско првенство.

Ова беше истакнато за време на дружењето на дел од репрезентативците со новинарите што во четвртокот претпладнето се одржа во Скопје.

Селекторот Марјан Србиноски изрази задоволство од досегашниот тек на подготовките и од настапот во првите три подготвителни натпревара, во кои нашата селекција оствари три победи.

„Секако дека сум задоволен од остарените три победи во три натпревара. Не е ништо спектакуларно, но е добро за атмосферата во тимот“, рече Србиноски.

Тој истакна дека недостигот од квалитет во однос на дел од другите репрезентации кои се во нашата група во Загреб ќе се обидеме да го надоместиме со цврста игра во одбрана и брзо отворање.

„Ќе играме цврста одбрана, со брзо отворање и транзиција, и ќе се обидеме да наметнеме наш стил на игра. Тактиката ќе зависи од противникот и од текот на самиот натпревар“, изјави Србиноски.

Македонскиот селектор рече дека во преостанатиот дел од подготовките ќе настојува да се подобри играта во транзиција од одбрана во напад.

Србиноски рече дека не го загрижуваат ситните повреди со кои се соочени дел од играчите, истакнувајќи дека станува збор за нормална работа и најави дека на следниот натпревар што Македонија во петок го игра против Венецуела во Гевгелија во игра неколку минути во игра ќе го пушти Ричард Хендрикс.

Селекторот истакна дека од големо значење за тимот е искуството и квалитетите кои ги поседува плејмејкерот Владо Илиевски.

„Станува збор за вистински професионалец. Неговото искуство е од големо значење за помладите кошаркари. Тој е вистински лидер на тимот“, рече Србиноски.

Претседателот на Кошаркарската федерација, Петар Наумоски истакна, пак, дека вистински потег било ангажирањето на Италијанецот Џакомо Браида за кондициски тренер на репрезентацијата.

„Добрата физичка подготвеност ќе биде од исклучително значење, особено на натпреварите во групата во Загреб, каде треба да се игра секој ден. Селекторот и играчите се многу задоволни од работењето на Џакомо“, истакна Наумоски.

Репрезентативецот Александар Костоски истакна дека неговата генерација, на која претстојното европско првенство ќе ѝ биде прв сериозен предизвик, е целосно подготвена да се носи со притисокот.

„Во екипата имаме и неколку искусни играчи, како што е Илиевски, браќата Стојановски и Самарџиски, но и мојата генерација е целосно подготвена да се носи со предизвикот. Селекторот треба да одлучи кој ќе биде носител на играта“, рече Костоски.

Додаде дека играчите се многу задоволни од работењето на новиот селектор.

„Србиноски ни е многу добро познат од порано на нас играчите. Знаеме што бара, и се прилагодуваме кон неговиот начин на работа“, рече Костовски.

Македонскиот национален тим настапите во Загреб ќе ги стартува со мечот против лутиот ривал Грција, а во второто коло противник ќе биде селекцијата на Холандија.

По овие два натпревара следи еден слободен ден, за потоа на 8-ми септември да се излезе на мегдан со домаќинот Хрватска. Мечот со Грузијците ќе се игра во рамките на четвртото коло на 9-ти септември, а натпреварите во Загреб ги затвораме ден подоцна со мечот против Словенија.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП