Милан го оствари најскапиот трансфер во последниве години, откако „росонерите“ го финализираа трансферот на младинскиот репрезентативец Алесио Ромањоли.
Веќе поранешниот играч на Рома беше едно од најактуелните имиња во ова лето, а преговорите меѓу двата клуба траеа повеќе од еден месец. На крајот сепак раководствата се договорија и дефанзивецот премина на „Сан Сиро“ за сума од 20 милиони евра.
Ромањоли потпиша официјално договор кој ќе го задржи во Милан до летото 2020-та година.
„Добродојде, Алесио. Многу сме среќни што си кај нас и што потпиша договор до 2020-та година. Ти имаш само на 20 години и затоа мислиме дека имаш доволно време да се претвориш во еден од нашите симболи, еден од оние играчи кои ќе го брендираат своето име во историјата на најдобрите дефанзивци, какви што отсекогаш имал Милан. Голема прегратка од големото миланско семејство. Форца, Алесио!“, напиша во соопштението до медиумите извршниот директор Адријано Галијани.
20-годишниот Ромањоли потекнува од школата на „волците“, а своето деби за првиот состав го имаше во 2012-та година. Во мај 2014-та година дефанзивецот го продолжи договорот со римскиот клуб до јуни 2019-та година.
Минатата сезона дефанзивецот одигра 20 натпревари од италијанскиот шампионат во кои остави одлични впечатоци и тоа предизвика сериозен интерес за него. На крајот Милан се избори за неговиот потпис.