21 мај, 2024
ПочетнаИНТЕРЕСНОРуските кошаркари можат на ЕП, Бразилците на ОИ

Руските кошаркари можат на ЕП, Бразилците на ОИ

basket

Меѓународната кошаркарска федерација (ФИБА) ја потврди суспензијата на Руската кошаркарска федерација, но дозволи нејзините репрезентации да играат на натпреварувањата во нејзина организација, така што руските кошаркари ќе се појават на претстојното Европско првенство кое ќе се игра од 5-ти до 20-ти септември, а заеднички го организираат Германија, Франција, Литванија и Хрватска каде ќе настапи и македонската селекција.

Извршниот комитет на ФИБА на 29-ти јули донесе одлука за суспендирање на Руската кошаркарска федерација (РФБ), отстранувајќи ги националните селекции од турнирите во нејзина организација, поради неспособноста да се надминат институционалните и правните проблеми во националниот сојуз. Прашањето за натамошното членство на РФБ беше разгледувано во неделата на заседанието на извршниот комитет на организацијата во јапонската престолнина Токио.

ФИБА во неделата на своите интернет страници објави дека по сослушувањето на водечките лица на Рускиот сојуз, на руското министерство за спорт и Олимпискиот комитет на Русија, е одлучено суспендирањето да остане на сила, но дека играчите, тренерите, судиите и другите кошаркарски функционери може да учествуваат на натпреварувањата.

Русија, чијашто репрезентација сепак ги играше подготвителните натпревари, на ЕП ќе игра во Групата А, во Монпелје со домаќинот Франција, БиХ, Финска, Полска и Израел.

ФИБА истата одлука ја донесе и за Јапонија, чија кошаркарска федерација ЈВА, исто така, беше суспендирана од 2014 година, бидејќи не ја прилагодила својата активност со статусот на ФИБА, но јапонските селекции можат да настапуваат на меѓународните натпреварувања.

Одлучено е и дека женската и машката кошаркарски селекции на Бразил без учество на квалификациските турнири ќе настапат на летните Олимписки игри кои следната година ќе се одржат во Рио де Жанеиро. Бразилската конфедерација потврдила дека ги усогласила своите статуси и дека во најкус рок ќе ги исполни финансиските обврски, како и дека на игрите ќе настапат најсилните селекции.

Потврдено е и дека следното Светско првенство во 2019 година првпат во историјата ќе се игра со 32 селекции во машка конкуренција. Првпат кошаркарскиот мундијал ќе се одржи во Кина, која организацијата ја доби во конкуренција со Филипини.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП