21 мај, 2024
ПочетнаИНТЕРЕСНОПретставени новите две засилувања на ЖРК Вардар

Претставени новите две засилувања на ЖРК Вардар

zas vardar

Женскиот ракометен клуб Вардар во петокот ги претстави двете нови засилувања, Сања Дамњановиќ која игра на позиција лев бек и среден бек, и Андреја Човиќ којa е пивотмен.

Дамњановиќ има потпишано двегодишен, а Човиќ се обврза на тригодишна верност кон „црвено-црните“.

„Годинава го сведовме изборот на само двајца, особено на позиции за кои сметавме дека ни се неопходни. Самиот факт што имаме само две засилувања, ми дава надеж дека брзо ќе се вклопат и добро ќе работат. Ние работиме тимски, и тие покажаа дека брзо се адаптираа и имаат поддршка од соиграчите“, изјави претседателот на клубот, Гордана Нацева.

Дамњановиќ игра на позицијата лев бек и плејмејкер, со што значително ќе се засили конкуренцијата во тимот на тие позиции. Доаѓа од тимот на Виборг каде настапуваше од 2013 година и со данскиот тим ја освои двојната круна во тамошното првенство и триумфираше во КПК.

Зад себе има интернационална кариера од настап во екипите на Крим, Подравка и Виборг, а беше дел и од екипите на Раднички Белград, Наиса и Заечар.

Лани Дамњановиќ беше избрана и за најдобра ракометарка на Србија од страна на новинарите, прекинувајќи ја петгодишната доминација на Андреа Лекиќ. Беше една од најзаслужните за сребрениот медал на Србија на СП 2013 година и беше избрана во Ол стар тимот на тоа СП. Слично признание доби и на ЕП 2012 година, кога Србија го освои четвртото место.

Досега била првак на Словенија (2009), Србија (2010, 2011), Хрватска (2012, 2013) и Данска (2014), а освоила исто толку Куп трофеи од националните првенства на Словенија, Србија, Хрватска и Данска. Сезонава со екипата на Виборг играше во групната фаза на Лигата на шампионките, но данскиот клуб беше елиминиран во четврт-финалето од Будуќност. Дамњановиќ на 11 натпревари постигна вкупно 45 гола.

„Задоволство ми е што дојдов во Вардар, и ќе бидам дел од проектот и во остварување на целта. Знам што е целта. Играв во Виборг кој е голем клуб, но, немав прилика да го освојам пехарот во ЛШ. Тоа ми е голема желба. Ќе дадам се од себе да ја остварам целта. Сега треба да влеземе на Ф4, тоа ќе биде потешко сега, зашто сите клубови се засилија, повредените се опоравија. Но, има време за се. Се чувствувам како дома. Ќе се трудам на учам македонски, иако се разбирам. Тренерите се тука да ни помогнат. За овие денови колку што сум тука, гледам дека имаме добра комуникација со нив. Сега се подготовки, работиме како што треба, Тешко е, но само со позитивна енергија се ќе биде како што треба“, рече Дамњановиќ.

Човиќ (21) доаѓа од екипата на Подравка со која годинава го освои и Купот на Хрватска, и ја осигура и титулата. Човиќ беше избрана за најдобар играч и постигна 10 гола во триумфот на Подравка во Купот.

Човиќ која е родена во Сињ на 9 октомври 1993 година, и брзо беше „регрутирана” од Подравка, а од 2008 година е дел на тимот од Копривница. Ги мина сите младински селекции на Хрватска, а сега е на списокот на селекторот Горан Мрѓан и во сениорската репрезентација. Освен титулите и куп трофеи со Подравка во првенството на Хрватска, Човиќ од 2009 година игра и во Лигата на шампионите. Сезонава постигна 12 гола, а најмногу, 5 токму против Вардар во Скопје.

Во 2008 година со кадетската репрезентација на Хрватска го освои златниот медал од Медитеранските игри. Со сениорките има и бронзен медал од Медитеранските игри во Мерсин, во 2013. Беше и на поширокиот список за ЕП 2014 година.

Квалитетот на Човиќ беше препознаен и од страна на ЕХФ, каде во 2013 година беше номинирана за најдобра млада ракометарка во Европа.

„Знам дека сум многу млада, но ќе ми биде големо задоволство да играм со вака добри играчи. Задоволна сум. Многу ми помогнаа Пенезиќ и Зебиќ да се снајдам. Очекувам добри резултати“, изјави Човиќ.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП