Фудбалерите на Работнички, по Флора и Јелгава, во четврток ќе се соочат со најголемиот предизвик во Лига Европа. Актуелниот освојувач на Купот на Македонија во третото квалификациско коло за противник го има турски Трабзон.
Трабзон е шесткратен шампион на Турција, во овој тим играат добро познати фудбалски имиња (Кардозо, Босингва, М’биа), кои од клупата ги предводи прославениот Грузиец Шота Аверладзе, но од таборот на Работнички не се плашат од името и квалитетот на противникот и најавуваат игра на победа.
„Ќе ни биде чест да се надигруваме со Трабзон, но не мислам ние во натпреварот да бидеме само учесници, туку ќе барам од играчите да одиграат на што е можно повисоко ниво и да се обидеме да оствариме што е можно подобар резултат. Верувајте, нема ништо да смениме во нашиот стил на игра кој го негуваме веќе две години, ќе имаме офанзивен пристап ќе играме на гол повеќе. Многумина пред вакви натпревари се служат со фразата дека на ваков меч нема што да се загуби, но јас не се согласувам со тоа и имам друга девиза дека ова е натпревар од којшто можеме многу да добиеме“, рече на прес конференцијата шефот на стручниот штаб на Работнички, Игор Ангеловски.
„Трабзон е екипа која негува офанзивен стил на игра, на последните натпревари играа во формација 4-2-3-1, но очекувам дека против нас ќе има мали измени во нивниот тим, бидејќи верувам дека Оскар Кардозо ќе игра од првата минута. Имаат многу квалитетни поединци, ќе се обидеме да ги неутрализираме нивните добри страни во играта, а да го искористиме она што го воочивме како нивна слабост“, додава Ангеловски
Тренерот на ‘романтичарите’ рече дека нема што да крие од својот колега на спротивната страна, го најави истиот состав кој го започна и мечот со Јелгава. Нападот на Работнички ќе го предводи капитенот Баже Илијоски кој вети дека ќе ја затресе мрежата на Трабзон.
„Стигнавме до третото коло, сега самодовербата ни е на високо ниво. Добро знаеме со каков противник се соочуваме, но ве уверувам дека не сме исплашени, ќе ја играме нашата игра, ќе го дадеме максимумот и искрено се надевам доколку ќи искористиме нашите шанси дека можеме да победиме“, рече Илијоски.
Натпреварот во четврток ќе се одигра на „Филип Втори“ и ќе започне во 20 часот.