Жозе Мурињо одговори на изјавата на Сеара Монсерат, која пред неколку дена рече дека нејзиниот сопруг (Рафа Бенитез) редовно го „чисти нередот кој зад себе го остава Мурињо“.
Поранешниот тренер на Наполи втор пат во кариерата превзема екипа во која работел и Мурињо, но само еднаш, во Интер, Шпанецот го наследил Португалецот.
„Го средуваме нередот кој го остава Мурињо. Нормално е на двајца вакви менаџери да им се вкрстат патиштата бидејќи во светот постојат само неколку врвни клубови“, рекла сопругата на Бенитез.
Не мина многу време, а „Специјалниот“ и одговори на госпоѓа Бенитез.
„Не ми е смешно од една проста причина, нејзиниот маж во Челзи го замени Роберто ди Матео, а во Реал го замени Карло Анчелоти. Единствен клуб каде ме наследи мене беше Интер каде за шест месеци успеа да го уништи тогаш најдобриот клуб во Европа“, рекол Мурињо.
„Исто така мислам дека не е во ред да се занимава со мене. Таа би требало да се сконцентрира на својот маж и да поведе малку сметка околу неговата диета, тогаш сигурно би имала помалку време да се занимава со мене“, додава Португалецот.
Мурињо и Челзи сезоната ќе ја отворат со неделниот натпревар против Арсенал во рамките на „Комјунити Шилд“, додека Бенитез и Реал сезоната ќе ја започнат на 23-ти август против Спортинг во Хихон.