Ливерпул го финализираше трансферот на белгискиот репрезентативец Кристијан Бентеке. 24-годишниот напаѓач доаѓа на „Енфилд“ од Астон Вила за сума од 32,5 милиони фунти, која беше запишана како ослободувачка клаузула во неговиот договор.
„Црвените“ го најавија договорот на својот официјален сајт, но во информацијата не се открива времетраењето на договорот потпишан од Бентеке.
„Го направив вистинскиот избор. Пред да ја донесам оваа одлука, имав разговор со менаџерот Брендон Роџерс и се уверив дека ќе е одлично да станам дел од неговиот проект. Во Ливерпул се собрани многу добри фудбалери. Среќен сум што ќе играм со нив и се надевам заедно да постигнеме големи успеси“, изјави Бентеке.
„Дојдов во Ливерпул за да освојувам трофеи. Се надевам дека ќе станувам се подобар и да го откријам максимумот од своите можности”, додаде новиот напаѓач на „црвените“.
Бентеке дојде во Астон Вила од Генк во 2012-та година. Минатата сезона тој одигра 29 натпревари во Премиер лигата и постигна 13 гола. Вкупно за Вила има 101 натпревари и 49 погодоци. Напаѓачот може да се пофали и со 24 натпревари за националниот тим на Белгија, во кои постигна 7 погодоци.