15 мај, 2024
ПочетнаИНТЕРЕСНО‘Романтичарите’ оптимисти пред гостувањето на Флора

‘Романтичарите’ оптимисти пред гостувањето на Флора

rab trener

Фудбалерите на Работнички в четврток ќе го одиграат возвратниот натпревар од првото квалификациско коло, во Лига Европа. ‘Романтичарите’ доколку сакаат пласман во наредната рунда, на домашен терен ќе мора да ја анулираат негативата од 0:1 со која по првиот меч се стекна Флора Талин.

Во пресрет на натпреварот во таборот на актуелниот Куп освојувач владее нескриен оптимизам дека ќе биде надмината негативата од Талин.

„Верувам дека мојот тим ќе се покаже во вистинско светло и дека ќе оствариме пласман во наредната рунда. Доколку одиграме онака како што знаеме Работнички е способен да анулира и поголема предност. Веруваме во себе и не чувствуваме страв или паника од резултатот. Ме радува односот на играчите пред утрешниот натпревар“, рече на прес конференцијата тренерот на Работнички Игор Ангеловски.

Предводникот на Работнички најави дека нема да отстапи од стандардната формација 4-4-2, а околу составот има неколку дилеми кои не ги откри.

„Мора да играме мирно и трпеливо кога ја имаме топката во наш посед, а во исто време да бидеме агресивни и организирано да го напаѓаме противникот со висок пресинг кога топката е кај нив“.

Ставот на тренерот Ангеловски го дели и капитенот на тимот Баже Илијоски, тој е уверен дека Работнички ќе ја мине првата квалификациска рунда во Лига Европа.

„Максимално сме сконцентрирани на натпреварот, чувствуваме помалку и инает поради минималниот пораз во првиот меч. Се надевам дека тоа ќе биде дополнителен мотив да одиграме максимално и да обезбедиме пласман во наредната рунда“, рече Илијоски.

Реванш натпреварот во Лига Европа помеѓу Работнички и Флора Талин ќе се одигра в четврток на Националната арена „Филип Втори“, со почеток во 20 часот.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП