Директорот на Јувентус, Џузепе Марота, ги демантираше пишувањата на светските медиуми, истакнувајќи дека „Старата дама“ одбила 80 милиони евра, колку што Барселона понудила за Пол Погба.
Во средата, светските медиуми, повикувајќи се на шпанските медиуми објавија, дека Барселона го договорила трансферот на Погба и дека тој во Каталонија ќе се пресели наредното лето.
Медиумите пренесоа дека раководствата на двата тима преговарале изминативе денови, а дека трансферот бил договорен во средата попладне во Милано.
„Да ние добивме понуда од 80 милиони евра за Погба, но можам да ви кажам дека ја одбивме и дека немаме намера да го продадеме“, изјавил Марота за „Gazzeta dello Sport“.
22-годишниот француски репрезентативец во Јувентус пристигна во 2012-та година од Манчестер Јунајтед како слободен играч, откако тогашниот менаџер Алекс Фергусон проценил дека тој не е доволно добар играч за „црвените ѓаволи“.
Погба сениорската кариера ја започна токму во Манчестер Јунајтед каде пристигнал на 16-годишна возраст.
Минатата сезона тој беше еден од најзаслужните што Јувентус ја освои двојната круна во Италија и играше во финалето во Лигата на шампионите.