Центарот Карл-Ентони Таунс од Универзитетот Кентаки е избран како прв пик на драфтот во НБА лигата, кој се одржа во ноќта помеѓу четвртокот и петокот.
Стручњаците и спортските коментатори уште пред неколку месеци прогнозираа дека Таунс ќе биде првиот пик на драфтот и тие прогнози се остварија. Младиот центар од првата позиција е избран од страна на Минесота Тимбервулфс.
Изненадувачки втор пик е Д’Анџело Расел од Охајо Стејт кој оди во еден од најславните тимови во лигата, ЛА Лејкерс. Трет пик е уште еден центар Џалил Окафор од Универзитетот Дјук, тој е избран од страна на Филаделфија 76.
Од играчите кои не се од САД прв е избран крилниот центар на Севилја, Латвиецот Кристапс Порзигинс, тој како четврти пик оди во тимот на Њујорк Никс. Порзигинс со својата игра потсетува на славниот Дирк Новицки.
Веднаш потоа Орландо Меџик го избра бекот на Барселона, хрватскиот репрезентативец Марио Хезоња.
Покрај Хезоња од кошаркарите од балканските простори во првата рунда е избран уште центарот на Партизан, Никола Милутинов, него како 26-ти пик го одбра Денвер Нагетс.