24 мај, 2024
ПочетнаИНТЕРЕСНОСтартува 44-то издание на Копа Америка

Стартува 44-то издание на Копа Америка

kopa amerika chile

Чиле од 11-ти јуни до 4-ти јули ќе биде домаќин на 44-то издание на континенталното првенство на Јужна Америка (Копа Америка), на кое 12 репрезентации поделени во три групи ќе се борат за титулата. Традиционално, десет репрезентации се од Јужна Америка, а две кои не се од овој континент настапуваа со покана на Јужноамериканската конфедерација, оваа година тоа се Мексико и Јамајка.

Чиле оваа година седми пат ќе биде домаќин на Копа Америка, а првпат по 1991-ва година. Мечевите ќе се играат на девет стадиони во осум градови. Двата најголеми стадиона се наоѓаат во главниот град Сантијаго, каде ќе се одигра и финалето. Покрај во Сантијаго, натпревари ќе се играат и на стадионите во Антофагаста, Ла Серена, Вина дел Мар, Валпараисо, Ранкагуа, Темуко и Консепсион.

Интересно, првично беше решено 44-то издание на Копа Америка да се одржи во Бразил, а Чиле требаше да биде домаќин во 2019-та година, но поради тоа што лани Бразил беше домаќин на СП, а наредната година ќе ги организира и Олимписките игри, двете земји се договорија да ги заменат домаќинствата.

Најмногу титули на Копа Америка има Уругвај (15), следува Аргентина (14), додека трет е Бразил (8). По две титули низ историјата освоиле Перу и Парагвај, а по една Боливија и Колумбија, додека Чиле, Еквадор и Венецуела никогаш не победиле.

Чиле ја предводи А групата во која се уште и Еквадор, Боливија и Мексико. Во Б групата се Аргентина, Парагвај, Уругвај и Јамајка, а во Ц групата настапуваат Бразил, Колумбија, Перу и Венецуела.

Титулата на Копа Америка во Чиле ќе ја брани селекцијата на Урувај. Пред Уругвајците е речиси невозможна мисија, бидејќи во Чиле ќе играат без својот најдобар играч и стрелец Луис Суарез кој сé уште ја одработува суспензијата, која ја доби од ФИФА откако минатото лето го касна Џорџо Кјелини на мечот Уругвај – Италија одигран на Мундијалот во Бразил.

Топ фаворити на ова првенство се Аргентина и Бразил, а далеку можат да стигнат и домаќинот Чиле, односно Колумбија, селекции кои имаа одлична промоција на Светското првенство во Бразил.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП