Еден од најдобрите играчи во историјата на ракометната игра, Ивано Балиќ (36), денеска во дресот на бундеслигашот Вецлар, ќе го одигра последниот натпревар во својата професионална кариера.
Балиќ од наредниот месец ќе ја преземе функцијата координатор на сите машки селекции во Ракометниот сојуз на Хрватска.
Ракометниот „Моцарт“ во кариерата го носел дресот на Сплит, Метковиќ, Портланд Сан Антонио, Загреб, Атлетико Мадрид и Вецлар. Со шпанскиот Портланд Сан Антонио во сезоната 2005/2006 ја освои Лигата на шампионите, а со Атлетико во 2012-та стана светски клупски првак.
Најголемите успеси со репрезентацијата ги постигнал во Атина 2004-та година (олимписко злато) и Лисабон 2003-та (светско злато), а уште на европските и светските првенства, односно олимписките игри освоил четири сребрени и два бронзени медали.
Ивано Балиќ два пати бил прогласуван за најдобар играч во светот (2003, 2006) во изборот на Светската ракометна федерација (ИХФ).