Фудбалскиот клуб Реал Мадрид на својата официјална интернет страна и на социјалните мрежи го потврди именувањето на Рафаел Бенитез за нов шеф на стручниот штаб. Бенитез, кој по една деценија повторно ќе работи во Шпанија, потпишал тригодишен договор.
Човекот кој е роден во Мадрид и кој ќе биде четвртиот тренер на Реал кој потекнува од шпанската престолнина, на клупата го наследи Италијанецот Карло Анчелоти, со кого „кралевите“ минатата сеозна ја освоија јубилејната десетта титула во Лигата на шампионите.
„Бенитез е човек кој живее за фудбалот, кој живее за Реал Мадрид. Неговото име е синоним за работа и ефикасност. Рафа ова е тој дом, тука растеше, овде дојде кога имаше 13 години. Никој не може да го предводи Реал подобро од тебе“, рекол на промоцијата на Бенитез првиот човек на ’кралискиот клуб’ Флорентино Перез.
Бенитез тренерскaта кариера ја започна во Реал Б, а му бил и помошник на Винсенте дел Боске во сениорскиот тим.
„Ова е многу емотивен ден, се вратив дома“, рекол Бенитез кој потоа не можел да ги задржи солзите.
Бенитез изминатите две сезони работеше во Наполи каде со оглед на играчкиот кадар не се прослави, освои еден Куп на Италија, а во штотуку завршената сезона не успеа да избори место во Лигата на шампионите.
Рафа Бенитез тренерската кариера ја започнал во вториот тим на Реал во 1993 година, а потоа работел во Ваљадолид, Осасуна, Екстрамадура и Тенерифе. Тренерската слава ја стекнал во Валенсија со која два пати ја освојуваше Примера, потоа од 2004 до 2010 година го предводеше Ливерпул со кого во 2005 година ја освои Лигата на шампионите.
По Ливерпул, Бенитез имаше неуспешни епизоди во Челзи и Интер, иако со „сините“ од Лондон ја освои Лига Европа.