Екипата на Челзи сезонава ја освои титулата во Премиерлигата што му овозможи заработка од 99 милиони фунти (135 милиони евра). За разлика од првиот тим на табелата, последнопласираниот Квинс Парк Ренџерс инкасирал 64 милиони фунти (88 милиони евра).
Парите од продажбата на телевизиските права им носи најголем приход на премиерлигашите, а поделбата на тие пари се смета за најчесна во цела Европа.
Во Премиерлигата се натпреваруваат 20 екипи и оваа сезона секоја од нив од телевизиските права добила по 22 милиони фунти за натпреварите кои се прикажувани во Велика Британија, а по 28 милиони фунти за натпреварите прикажувани во странство.
Различните приходи на клубовите доаѓаат како резултат на нивниот пласман на табелата, Челзи како шампион заработил 25 милиони фунти, вторпласираниот Манчестер Сити 23,6 милиони, Арсенал 22,5 милиони, а Манчестер Јунајтед 21,1 милиони, додека последнопласираниот Квинс Парк Ренџерс заработил само 1,2 милиони фунти.
Екипите различно заработиле и поради бројката на извршени преноси, тука најмногу заработил Манчестер Јунајтед 21,4 милиони фунти, а најмалку добиле Стоук, Хал, Лестер, ВБА и Барнли – по 8,7 милиони фунти.