5 мај, 2024
ПочетнаИНТЕРЕСНОЃоковиќ го напаѓа кралството на Надал

Ѓоковиќ го напаѓа кралството на Надал

rafa nole rolan

Тенискиот свет со големо нетрпение го очекува четвртфиналниот меч на Ролан Гарос помеѓу Новак Ѓоковиќ и Рафаел Надал. 44-та пресметка на двајцата великани на светскиот тенис предизвикува големо внимание бидејќи се игра на терените каде Надал е неприкосновен, има скор од 70 победи и само еден пораз, а во исто време Ѓоковиќ ја напаѓа единствената Грен слем титула која му недостига во колекцијата.

Надал има рекордни девет титули на Ролан Гарос и доколку победи и оваа година ќе стане првиот тенисер во историјата со десет титули на некој од турнирите од „Големата четворка“.

Од друга страна доколку Ѓоковиќ стигне до крајот ќе застане рамо до рамо со Агаси, Федерер и Надал како четвртиот тенисер кој има најмалку една титула од сите Грен слем турнири.

Мечот го прави поинтересен и фактот што Надал прв пат во кариерата не е фаворит на Ролан Гарос. Причина за тоа е слабата форма, иако во досегашниот дел од турнирот игра добро, бидејќи сезонава „кралот на земјените терени“ победи на само еден од шестте турнири на кои што играше. Надал победи само во Буенос Аирес, а загуби во Рио де Женеиро и Барселона од Фоњини, од Ѓоковиќ во Монте Карло, од Мари во Мадрид и од Вавринка во Рим.

За разлика од Шпанецот, Ѓоковиќ игра во неверојатна форма, од почетокот на годината веќе освиои пет титули и се наоѓа во низа од 26 победи (14 на земја).

Резултатот на овие двајца на земја е 5-5 но Ѓоковиќ никогаш не го победил Надал во Париз.

Лани во финалето Шпанецот победи со 3-1, една година претходно Ѓоковиќ во полуфиналето имаше брејк предност во петтиот сет но загуби со 9:7. Надал победи со 3-1 во 2012, а во 2006, 2007 ии 2008 година Надал победи без загубен сет.

„Надал мора да игра со длабоки топки, не смее да игра кратки топки бидејќи тогаш ќе се најде во големи проблеми. Едноставно тој мора да игра како стариот Рафа Надал. Доколку тоа му успее тогаш ќе има шанси да победи, во спротивно ќе го загуби мечот“, смета Пол Анакон поранешниот тренер на Пит Сампрас и Роџер Федерер, кој смета дека Ѓоковиќ е голем фаворит во четвртфиналето.

Аналитичарите сметаат дека Надал има големи шанси за победа бидејќи на Ролан Гарос се игра со малку поинкави топчиња, а големината на теренот одговара на неговиот стил на игра.

Доколку Ѓоковиќ победи тогаш ќе може да каже дека славел над Надал на сите Грен слем турнири, а воедно пораз на Шпанецот ќе значи дека тој прв пат по 2005 година нема да биде меѓу најдобрите десет на светот.

Пресметката која ќе започне во 15:30 часот ќе биде 44-та меѓусебна за Ѓоковиќ и Надал, Шпанецот води со 23-20. Инаку никој во историјата на тенисот не одиграл толкав број на меѓусебни дуели, Ѓоковиќ и Федерер одиграле 40 мечеви, Лендл и Мекинро 37, а Конорс и Лендл 36.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП