Пред два дена, екипата на ПСЖ ја освои својата трета последователна титула во Франција, но раководството на клубот нема долго да слави пред повторно да се зафати за работа, соопштуваат медиумите во земјата.
Шефовите и тренерскиот штаб веќе размислуваат за селекцијата за следната сезона, открива весникот „Le Parisien“. Според изданието главна трансфер цел на ПСЖ за идниот шампионат ќе биде привлекувањето на Анхел ди Марија од Манчестер Јунајтед.
27-годишниот Аргентинец премина на „Олд Трафорд“ пред една година од Реал Мадрид за сума од 75 милиони евра, но не успеа да остави добар впечаток во својата деби сезона. Парижаните сакаа да го имаат во својот состав уште пред стартот на минатата сезона, но ја изгубија битката за неговиот потпис со „црвените ѓаволи“. Сега од ПСЖ се надеваат да успеат да ги убедат Англичаните и играчот да пристигне на „Парк де Пренс“.
Од друга страна е многу веројатно Есекиел Лавеци да го напушти ПСЖ во текот на летото и раководството ќе мора да најде нов човек на неговата позиција. Друга опција за овој пост е Кевин де Бруин од Волфсбург. Белгиецот сепак е опција „Б“ за Французите.
Другата голема цел на ПСЖ е Пол Погба од Јувентус. Неодамна претседателот на парижаните , Насер Ал-Хелаифи, призна дека клубот има намера да се обиде да го земе Французинот, но, исто така рече дека тоа нема да биде лесна задача, бидејќи сите гиганти на „Стариот континент“ сакаат да го имаат во својот состав.
ПСЖ, освен на големите амбиции и финансиски можности, се обложува на фактот дека Погба е родум од Париз и би бил среќен да се врати во главниот град. Клубот во сите положби ќе се обиде да земе играч на неговата позиција, бидејќи Јоан Кабај најверојатно ќе замине во потрага на нов клуб каде ќе има поголема минутажа.
При неуспех во обидот да се привлече Погба, тренерот Лоран Блан изразил желба пред раководството дека сака да го има во составот младиот домашен играч на Монпелје, Морган Сансон. 20-годишниот играч остави многу добар впечаток со својата игра во изминатава сезона и речиси сигурно ќе премине во поголем клуб. Претседателот на Монпелје, Луи Николен призна дека ако добие примамлива понуда, нема да има како да сопре Сансон да тргне во друга насока. Според „Le Parisien“ цената на играчот е околу 10 милиони евра. Недостаток во случајот е фактот дека во моментов полудефанзивецот ја лекува тешката повреда на коленото, која ја доби во април и е веројатно ќе биде надвор од терените до есен.