12 мај, 2024
ПочетнаИНТЕРЕСНОСтефановски: Се чувствував како да возам на Водно

Стефановски: Се чувствував како да возам на Водно

idze 300

Најдобриот македонски возач, Игор Стефановски – Иџе убедливо триумфираше на четвртата трка од Европското првенство на ридски патеки, возена во Португалија на патеката Рампа да Фалпера во Брага.

За разлика од претходната трка во Шпанија, овојпат Иџе не дозволи ниту минимум неизвесност и сосема доминантно го освои првото место во својата група Н со неговото Mitsubishi Lancer Evo IX.

Веќе по првата трка беше јасно дека нема никаква драма бидејќи со време од 2:22.553 го остави Србинот Никола Миљковиќ две секунди зад себе, а Чехот Јири Лос дури пет секунди. Обајцата конкуренти немаа шанси ниту да се приближат до времето на Стефановски. Сепак, во неговиот добро познат, бескомпромисен стил на возење, во второто возење Иџе спушти до 2:21.854 со што стави точка на трката. На крајот, Стефановски имаше вкупно време од 4:44.407, втор заврши Миљковиќ со 4:46.558, а трет Јири Лос со 4:52.515.

„Имавме интересна трка по онаа во Шпанија. За жал, поради лимитираниот простор не можевме да носиме гуми за двете трки, па така оваа во Португалија ја возев со пневматиците од Шпанија, па од тие причини не можев да го нападнам рекордот на патеката за мојата група, но генерално задоволен сум од резултатот. Одушевен сум од целата атмосфера, имаше премногу публика и фанови, скоро како да возам кај нас на Водно. Никаде досега не сум имал толку публика која навиваше за мене“, изјавил Иџе од Португалија.

Во наредниот период, тимот на Стефановски ќе се фокусира на поправка на возилото и пред се на дефектот со турбо полначот кој не работи со полн капацитет.

„Имавме многу напорна недела затоа што патував без механичар, единствено бевме јас и мојот татко, па така бев дополнително оптоварен со поставување на сет – апите и сите други потребни работи околу возилото. По враќањето во Скопје планирам да одморам неколку дена, а потоа продолжуваме за Полска на специјален сервис за да ги отстраниме сите технички проблеми и да го подготвиме возилото за идните трки каде што ќе имаме далеку посериозна конкуренција од домашни возачи“, рекол Иџе.

По двете едноподруго трки во Шпанија и Португалија, следува тринеделна пауза во шампионатот пред петтата трка која се вози во Чешка на 7-ми јуни.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП