Пеп Гвардиола имаше кратко обраќање пред новинарите по поразот во Барселона, во првиот полуфинален меч во Лигата на шампионите. Шпанецот нема да го памети по добро враќањето на „Ноу Камп“, неговиот тим загуби со 3:0 и речиси ги загуби шансите за пласман во финалето.
„Не знам што би им порачал на играчите, горд сум на нив. Изминатите три месеци се боревме со повредите, со разни други проблеми, но тоа не не спречи да ја освоиме Бунделигата и да стигнеме до полуфиналето во Лигата на шампионите“, рече Гвардиола.
Баерн имаше активен резултат се до 77.минута, а потоа Меси за само три минути постигна два гола, а во судиското надополнување му асистираше на Нејмар за третиот гол.
„Знаевме што не очекува. Барса е врвен тим кој игра во извонредна форма. Сепак сметам дека нападот е најдобра одбрана. Сакавме да го контролираме натпреварот, имавме идеа да го изолираме Меси. 15 минути не делеа од поволен резултат. Морам да кажам дека Барселона не е само Меси, тие имаат врвни играчи какви што се Нејмар и Суарез“, дополни Гвардиола.
Од друга страна неговиот колега Луис Енрике е свесен дека Барселона има резултат кој ја води во финалето во Берлин.
„Пеп остана доследен на својот стил, исто како што и ние не отстапивме од својата филозофија. Искрено не можам да се сетам дека Баерн имаше некоја шанса за гол, со исклучок на таа на Левандовски во првото полувреме. Тоа доволно говори каков меч одигравме. Ова е одличен резултат кој не води во финалето, но да не заборавиме дека не сме ја завршиле работат. Пред нас е едно тешко гостување во Германија“, изјави Енрике.
Реванш натпреварот во Минхен ќе се одигра на 12-ти мај.