16 мај, 2024
ПочетнаИНТЕРЕСНОАџиќ стравува од Пенезиќ и Алтхаус

Аџиќ стравува од Пенезиќ и Алтхаус

adzic 11

Арената „Ласло Пап“ во Будимпешта ќе биде местото каде викендов четирите најдобри женски ракометни екипи во Лигата на шампионките ќе се борат за титулата европски првак. Дел од најдобриот квартет втора година по ред е и македонскиот шампион ЖРК Вардар, минатата година „црвено црните“ го освоија третото место.

Лани во Будимпешта во полуфиналето „вардарки“ играа против екипата на Будуќност, која во 2012-та година ја освои европската круна. Тогаш ЖРК Вардар по голема борба загуби (20:22) и на крајот го освои третото место.

Поради тој пораз, но и поради двете средби кои ги одиграа оваа сезона во фазата по групи, а во кои „црвено-црните“ не забележаа победа, „вардарки“ силно ја посакуваат победата.

Тренерот на Будуќност, Драган Аџиќ, во пресрет на полуфиналето, во интервју за „vijesti.me“ не крие дека целта на неговиот тим е пласман во финалето и освојување на титулата, но потенцира дека Вардар е многу опасен противник.

„Играњето на квалитетни натпревари и искуството стекнато низ победите и поразите направија од Вардар квалитетен тим. Тоа беше група на квалитетни индивидуалки, но доаѓањето на Питлик, односно неговото знаење и искуство придонесоа тие да станат вистински тим. Вардар сега размислува и игра на дански начин што и го покажа на мечевите со Ѓер. Сигурно дека ќе имаме многу тежка задача, потешка од било кој претходен дуел со нив. Се подготвуваме за сите можни изненадувања на Питлик“, вели Аџиќ.

Тренерот на Будуќност смета дека двете екипи се поквалитетни во однос на минатосезонското соочување во полуфиналето, Будуќност е посилна за Булатовиќ и Кнежевиќ (поради суспензија го пропушти тој меч), а во Вардар лани не беа Пенезиќ, Алтхаус, Лазовиќ.

„Мислам дека мечот ќе биде „тврд“ и многу тежок и дека на крајот ќе победи нашето заедништво и енергија“.

Аџиќ не ја коментира играта на Вардар, но во суперлативи зборува за Андреа Пенезиќ и Ања Алтхаус.

„Пенезиќ најмногу доби со доаѓањето на Питлик, бидејќи во последните неколку натпревари доминантно беше најдобрата ракометарка на Вардар. Таа е комплетна ракометарка, добра во одбраната и во нападот и сигурно дека ќе биде најважниот играч во македонскиот тим. Сепак јас верувам дека ќе најдеме решение да ја запреме, иако мислам дека игра најдобро во нејзината кариера. Сепак, мислам дека со доаѓањето на Питлик најголем исчекор направи Алтхаус. Од ракометарка која добиваше по една топка, стана некој кој постигнува важни голови и сега целиот тим има огромна доверба во неа. Вардар беше слаб на пикерската позиција, но сега се многу стабилни“, рече Аџиќ.

Полуфиналниот меч помеѓу ЖРК Вардар и Будуќност ќе се одигра на 9-ти мај од 16:45 часот, претходно во првото полуфинале ќе играат Ларвик и Динамо Синара.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП