Јувентус и Реал Мадрид, денеска во Торино, ќе го одиграат првиот полуфинален натпревар во фудбалската Лига на шампиони. Јувентус по 12 години повотрно избори полуфинале во ЛШ, додека Реал е актуелен освојувач на шампионската лига. Двата тима имаат вкупно 20 финалиња во ЛШ.
„Реал е еден од најдобрите клубови во светот, но верувам дека можеме да се спротивставиме. Мислам дека шансите се 50-50 и дека ништо нема да биде решено се до последните минути во реваншот“, вели Андреа Пирло двократен освојувач на ЛШ со Милан и Карло Анчелоти кој сега го предводи Реал.
Јувентус последната титула ја освоил во 1996-та година, потоа „врза“ три порази во финалните мечеви, вклучувајќи и еден од Реал во 1998-ма година. За тој пораз Јуве се реваншира во 2003-та година кога во полуфиналето го елиминираше Реал, а подоцна го загуби финалето од Милан.
„Јувентус во Серија А ја демонстрира својата сила, а оваа година направија и исчекор во ЛШ, што значи дека не очекува тешка задача. Сепак ова е полуфинале и нема лесен противник“, рече Карло Анчелоти кој во минатото бил тренер на „старата дама“, но и покрај одличниот тим со кој располагаше (Дел Пјеро, Зидан, Инзаги…) не освои ништо.
Голем адут на Реал секако ќе биде Кристијано Роналдо кој повторно се врати во препознатливата форма, тој во саботата постигна „хет трик“ против Севилја. Од друга страна еден од адутите на Јувентус ќе биде Алваро Мората „дете“ на Реал од кого „кралскиот клуб“ лесно се откажа.
Натпреварот во Торино ќе стартува во 20:45 часот. Во второто полуфинале, в среда, ќе играат Барселона и Баерн Минхен.