Кливленд и Вашингтон со максимални 4-0 ги совладаа Бостон односно Торонто и изборија пласман во полуфиналето во Источната конференција во НБА, додека на Западот Клиперси израмнија против Сан Антонио на 2-2, а Далас намали против Хјустон на 3-1.
Крис Пол со учинок од 34 поени и 7 асистенции беше предводник на Клиперси кои победија во Сан Антонио со 114:105. Покрај Пол уште четворица негови соиграчи постигнаа двоцифрен број на поени: Грифин (20 поени, 19 скокови), Редик (17), Риверс (16), Крафорд (15).
Каваи Ленард со 26 поени, 7 скока и 5 асистенции беше најефикасниот играч на актуелниот првак, додека ветранот Тим Данкан заврши со 22 поени и 14 скокови.
Далас избегна ’метла’ во тексашкото дерби со Хјустон со победата од 121:109 во четвртиот натпревар.
Монта Елис со 31 поен, односно Џеј Џеј Бареа со 17 поени и 13 асистенции беа најдобри кај Далас, додека Џејмс Харден со 24 и Џош Смит со 23 поени беа најефикасни кај Хјустон кој има предност од 3-1 во серијата.
Вашингтон во четири натпревари ја заврши работата против Торонто и во полуфиналето го чека победникот од серијата помеѓу Атланта и Бруклин.
Во четвртиот меч Вашингтон победи со 125:94. Бредли Бил постигна 23, а Марчин Гортат 21 поен во триумфот на Визардси. Торонто дефинитивно е најголемото разочарување во плејофот, тимот кој во регуларниот дел од сезоната победи на 49 натпревари, во разигрувањето не забележа ниту една победа.
Максимална победа во првата рунда забелеша и Кливленд, во четвртиот меч Леброн и екипата славеа над Бостон со 101:93. Кливленд во полуфиналето ќе игра против подобриот од серијата помеѓу Чикаго и Милвоки.
Во четвртиот меч Леброн Џејмс го предводеше Кливленд со 27 поени, 10 скока, 8 асистенции.