Историјата се повторува, исто како и минатата сезона и оваа во полуфиналето на завршниот турнир во Лигата на шампионките ќе играат ЖРК Вардар и Будуќност. Минатата година Будуќност славеше во полуфиналето (22:20), а подоцна го загуби финалниот меч од Ѓер.
Оваа сезона Вардар и Будуќност веќе одиграа две средби, во првата фаза шампионките на Црна Гора славеа во Подгорица со 23:17, а во Скопје мечот заврши без победник 24:24.
„Играме против одлична екипа и верувам дека имаме доволно време квалитетно да се подготвиме за тој меч. Искрено жал ми е што со нив нема да се сретнеме во финалето, најмногу поради нашите репрезентативки кои играат во Вардар. Нашиот следен противник заслужено избори пласман на завршниот турнир. Вардар игра добро во овој период и во однос на нашите натпревари во групата Вардар како тим значително ја има подигнато својата форма“, изјавил за порталот „handball montenegro.me“ тренерот на Будуќност Драган Аџиќ.
Трофејниот тренер смета дека на завршниот турнир сите екипи имаат подеднакви шанси да ја освојат титулата.
„Се игра само по еден меч и поради тоа не гледам дека има фавороти на нашиот дуел со Вардар и на дуелот помеѓу Ларвик и Динамо. Во Будимпешта ќе играат екипите кои најмногу покажаа оваа сезона. Мораме да бидеме максимално претпазливи и сконцентрирани на она што следува, бидејќи завршниот турнир е натпреварување кое секогаш може да понуди изненадувања. Лани Фленсбург стана шампион во машка конкуренција иако беше аутсајдер“, рекол Аџиќ.