Во ноќта помеѓу понеделникот и вторникот во НБА лигата се одиграа 12 натпревари, на седум од нив победи забележаа екипите кои играа пред своја публика. Атланта загуби од најлошиот тим на Истокот, Њујорк Никс, додека индивидуално натпреварите ги одбележаа Клеј Томпсон, Леброн Џејмс и Никола Миротиќ.
Атланта загуби на домашен терен од Њујорк со 108:112, а овој меч го пропушти македонскиот интернационалец Перо Антиќ. Атланта го забележа 21-от пораз во сезоната, шести на домашен терен, додека Њујорк кој е последнопласиран во Источната конференција ја запиша 17-та сезонска победа.
Ленгстон Геловеј со 26 и Тим Хардавејџуниор со 23 поени беа најефикасни во редовите на Њујорк, додека кај Атланта по 19 поени постигнаа Кајл Корвер и Џеф Тиг.
Голден Стејт предводен од Клеј Томпсон кој постига 42 поени славеше над Мемфис со 111:107. Вориорси ја запишаа 66-та победа во сезоната со што само подобри рекордот на франшизата.
Кливленд триумфираше над Детроит (109:97), Џеј Ар Смит го предводеше тимот со 28 поени, додека Леброн Џејмс запиша ’трипл дабл’ од 21 поен, 10 скока и 11 асистенции.
Оклахома го победи Портланд со 101:90 благодарение на Расел Вестбрук кој имаше учинок од 36 поени, 11 скокови и седум асистенции.
Црногорецот Никола Миротиќ го предводеше Чикаго до победата над Бруклин (113:86) со која Булси ја обезбедија предноста на домашниот терен во пресрет на плеј офот. Миротиќ мечот го заврши со 26 поени, додека Пау Гасол имаше двоен ефект од 22 поени и 11 скокови.
Резултати: Шарлот-Хјустон 90:100, Филаделфија-Милвоки 97:107, Мајами-Орландо 110:93, Јута-Далас 109:92, Сакраменто-ЛА Лејкерс 102:92, ЛА Клиперс-Денвер 110:103.