
Седум натпревари се одиграа во НБА лигата во ноќта меѓу неделата и понеделникот. На НБА терените по долгата пауза се врати Пол Џорџ, Леброн Џејмс и Расел Вестбрук забележаа „трипл дабл“, Џејмс Харден постигна 41 поен, Сан Антонио ја прекина серијата од 12 победи во која се наоѓаат играчите на Голден Стејт, а ЛА Лејкерс забележаа неславен рекорд, откако по 56-ти пат загубија оваа сезона.
Еден од најперспективните бекови во лигата, Пол Џорџ, се врати во тимот на Индијана по осуммесечна пауза. Џорџ пред осум месеци на подготвоките на американската репрезентација се здоби со тешка фрактура на ногата.
Џорџ во победата на Индијана над Мајами (112:89) на теренот мина 15 минути и имаше учинок од 13 поени и по два скока и асистенции. Индијана до победата ја предводеше Луис Скола со 23 поени и 12 скока. Пејсерси со овој триумф имаат една победа помалку од Бостон кој се наоѓа на осмото место во Источната конференција.
Дербито на Истокот го одиграа Кливленд и Чикаго. Победата на овој меч ја однесоа Кавалирс (99:94) најмногу поради одличната игра на Леброн Џејмс кој зад своето име запиша 20 поени, 10 скока и 12 асистенции. Инаку најефикасни кај Кливленд беа Кајри Ирвинг со 27 и Џеј Ар Смит со 24 поени.
Како се доближува плејофот актуелниот шампион Сан Антонио влегува во вистинската форма. Спарси во дербито на Западната конференција славеа над првопласираниот Голден Стејт со 107:92.
Каваи Ленард го израмни рекордот на кариерата постигнувајќи 26 поени. Кај Голден Стејт кој го запиша 14-от сезонски пораз, најпрецизен беше Стеф Кари со 24 поени.
Оклахома загуби од Хјустон во натпревар кој го одбележаа најдобрите играчи на двата тима. Расел Вестбрук запиша нов „трипл дабл“ (40 поени, 11 скокови, 13 асистенции) но не успеа да спречи пораз на својот тим, бидејќи на другата страна Џејмс Харден забележа 41 поен.
Дербито на Лос Анџелес им припадна на Клиперс кои славеа со 106:78. Лејкерси испишаа негативна клупска историја, бидејќи ова им беше 56-от пораз во сезоната со кој се најдоа на претпоследното место на Западот.
Демаркус Казинс постигна 26, а Меклемор поен помалку во поразот на Сакраменто од Јута (95:101), додека Њујорк славеше над Филаделфија со 101:91.



