Судијата во судот за арбитража во спортот Лучо Колантуони верува дека прекинатиот натпревар во квалификациите за фудбалското ЕУРО 2016 меѓу Црна Гора и Русија ќе биде регистриран со службен резултат за гостинскиот тим.
Натпреварот кој се одигра изминатиот петок, во рамките на Групата Г, прво беше прекинат во првата минута откако голманот Акинфеев беше погоден со факел од трибините поради што мораше да биде хоспитализиран, мечот продолжи по пауза од 34 минути, а конечно беше прекинат во 68-та минута откако еден од руските играчи (Комбаров) беше погоден со запалка од трибините.
„Ако веќе морам да прогнозирам, би рекол дека Црна Гора ќе го загуби мечот со службен резултат. Покрај тоа, Црна Гора може да биде исфрлена од натамошниот тек на квалификациите за пласман на Европското првенство. Од аспект на правото, она што се случи во Подгорица е злосторство и сите кои учествуваа во него треба да бидат казнети“, рече Колантуони.