17 мај, 2024
ПочетнаИНТЕРЕСНОВардарки подготвени за пресметката со европскиот првак

Вардарки подготвени за пресметката со европскиот првак

Image (23)

Ракометарките на Вардар во наредните десет дена ќе ги одиграат двата најважни натпревара оваа сезона. Избраничките на Индира Кастратовиќ во четвртфиналето во Лигата на шампионките ќе се сретнат со европскиот првак Ѓер, првиот натпревар ќе се одигра в сабота во Скопје, а возвратниот меч во Унгарија е закажан за 11-ти април.

„Овие два натпревара ги дочекуваме подготвени, работевме квалитетно во овој период и она што е најважно – немаме повредени ракометарки. Добро ни е познато каков тим е Ѓер, но тие доаѓаат кај нас во Скопје и ние воопшто не треба да размислуваме каков ќе биде резултатот. Се надевам дека ќе успееме да го испочитуваме она што ќе го договориме пред натпреварот. Важно е како ќе одиграме во одбраната и како ќе ги одиграме почетните минути“, рече тренерот на Вардар, Индира Кастратовиќ.

Ѓер оваа сезона има само два пораза во Лигата на шампионките, и двата од Ларвик во осминафиналната група. Токму играта на Ларвик може да биде добар патоказ како да се порази и елиминира европскиот шампион.

Инаку Ѓер и оваа сезона ќе биде домаќин на завршниот турнир во Лигата на шампионките, но во Вардар не стравуваат дека тоа може да предизвика дополнителен притисок.

„Јас како тренер не сакам да размислувам дека Ѓер може да добие некаков ‘ветер во грб’. Ние треба тука да избориме добар резултат, ние како стручен штаб и ракометарките не трба да се оптоваруваме со тоа. Треба да се фокусираме на Ѓер како тим, а имаме и ние наши луѓе кои доколку има нешто треба да реагираат“, рече Кастратовиќ.

Дел од тимот на Вардар веќе втора сезона се Андреа Лекиќ и Јованка Радичевиќ кои во Скопје пристигнаа токму од Ѓер и со овој тим стигнаа до титулата европски првак.

„Јас и Јованка (Радичевиќ) бевме дел од таа унгарска машина, тоа е тим кој веќе трета сезона го предводи Амброш Мартин, двапати ја освојувале европската титула и сигурно е дека тие се фаворитки, но ние не се оптоваруваме со тоа. Очекувам една пеколна атмосфера и се надевам на позитивен резултат во најзначајниот натпревар за нас оваа сезона. Очекувам поддршка каква што имаат мажите, во таква атмосфера невозможно е да не се одигра добро“, рече средниот бек Андреа Лекиќ.

„Дојдовме во ситуација кога овие две средби треба да ја решат целта наша сезона. Јас верувам дека имаме квалитет и мотив да играме против европскиот првак. Можеби оваа сезона не игравме во континуитет најдобро, но можеби тоа е добро, никогаш не се знае кога ќе блеснеме. Противникот добро го анализиравме и точно знаеме што нé очекува. Не треба со ‘жешки’ глави да влеземе во овој натпревар, бидејќи ова е само прво полувреме од овој двомеч, доколку влеземе со преголема желба, тогаш натпреварот може да отиде во контраправец. Треба да влеземе во мечот со ‘студени глави и жешко срце’ и со добра игра да покажеме колку можеме“, рече Јованка Радичевиќ.

Првиот четвртфинален меч меѓу Вардар и Ѓер ќе се одигра в сабота, во Спортскиот центар „Јане Сандански“, со почеток во 19 часот.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП