21 јуни, 2024
ПочетнаИНТЕРЕСНО47-от ИКАС викендов ќе се одржува на Матка

47-от ИКАС викендов ќе се одржува на Матка

matka2

Викендов во кањонот Матка по 47-ми пат ќе се одржи традиционалниот Илинденски кајак слалом-ИКАС. Годинава на една од најздравите спортски манифестации кај нас, која непрекинато се одржува од 1968 година, ќе учествуваат околу 150 натпреварувачи од 11 земји.

Генерален покровител на ИКАС е Агенцијата за млади и спорт (АМС) од чии буџет за оваа намена се издвоени 500.000 денари.

„Кајакот во Република Македонија ги има сите неопходни услови за врни дострели, за постигнување на врвни спортски резултати и за откривање на нови таленти и токму во таа насока овој спорт добива голема поддршка од државата и АМС. За нашите кајак репрезентативци за оваа година за учество на меѓународните натпреварувања и за обезбедување на норма за ЛОИ во Рио се обезбедени вкупно 700.000 денари од АМС“, рече директорот на АМС, Марјан Спасески.

Оваа година за прв пат Кајакарската федерација со поддршка на АМС и генерално покровителство на Светската кајакарска федерација организира младински камп за кајакари до 21 година. На кампот учествуваат 30 кајакари од седум европски земји, а во тренажниот процес се вклучени двајца македонски тренери, а главен координатор е Французинот Силван Леукс.

„Целта на кампот беше на него да бидат присутни помлади натпреварувачи со цел нашите кајакари кои се на оваа возраст, а кои треба веќе да започнат да учествуваат на големи натпреварувања да бидат во тек со она што се случува надвор од Европа. Следна цел на федерацијата е ИКАС да прерасне во Светска серија, ние сме во преговори со Светската кајакарска федерација ИКАС да стане натпревар кој ќе се бодува за светската ранг листа и Матка да стане центарот на овој дел од Европа во кајакарскиот спорт. Исто така на последниот конгрес на Европската кајак федерација ни беше ветено дека ќе добиеме и Европски куп во кајак на диви води, но во дисциплината спуст“, рече спортскиот директор на ИКАС Атанас Николовски.

Натпреварите на Матка ќе започнат в сабота (10 часот) кога на програмата ќе бидат квалификациите. В недела од 10 до 12 часот ќе се возат полуфиналните трки, а финалните трки ќе започнат од 13 часот. Македонија ќе биде преставена со 20 натпреварувачи, за кои ова ќе биде последниот ‘филтер’ за место во репрезентацијата.

За сите оние кои се заинтересирани да ги проследат натпреварите на Матка во живо организиран е бесплатен превоз, автобусот на ЈСП со број 60 ќе тргнува во 9 и во 11 часот.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП