Португалскиот тренер Карлос Кеирош повеќе не е селектор на репрезентацијата на Иран. Кеирош поднел оставка на функцијата по поразот на Иран во пријателскиот меч со Шведска (3:1).
Инаку Португалецот решил да поднесе оставка поради несогласувањата со челниците на Фудбалската федерација на Иран околу плаќањето на данокот на приходите.
„По четири години горд сум на тимот и на играчите. Тажен сум што заминувам, но таков е животот“, рекол Кеирош.
Кеирош (62) го предводеше Иран од 2011-та година, тој со оваа репрезентација обезбеди учество на СП во Бразил каде не успеа да ја мине фазата по групи. По завршувањето на СП Кеирош го продолжи договорот до 2018-та година.
Во текот на кариерата човекот кој му беше помошник на Алекс Фергусон во Манчестер Јунајтед, самостојно ги предводеше Португалија, Јужна Африка, Спортинг Лисабон и Реал.