Напаѓачот на ВБА, Саидо Берахино е најновата желба на тренерот на Манчестер Јунајтед, Луис ван Гал, кој сака младиот фудбалер од наредната сезона да го предводи нападот на „црвените ѓаволи“, пишуваат англиските медиуми.
21-годишниот фудбалер досега постигна 18 голови во сите натпреварувања за ВБА и никогаш не ја криел својата желба да премине во некој поголем клуб.
Берахино веќе го поврзуваат со трансфер во Ливерпул и Тотенхем во наредниот преоден рок, меѓутоа, шпекулациите за преминување во Јунајтед дополнително го подгреа фактот дека талентираниот напаѓач заедно со својот менаџер вчера бил забележан на „Олд Трафорд“, каде го следел дуелот од ФА Купот помеѓу Јунајтед и Арсенал, во кој „топџиите“ славеа и се пласираа во полуфиналето.
Поради тоа што Радамел Фалкао засега не задоволи со своите настапи и се почесто ја грее клупата, реалната опција е Колумбиецот да се врати во Монако по истекот на позајмицата, затоа што Ван Гал го сака Берахино во својот тим за наредната сезона.
Пазарната вредност на младиот Англичанец се проценува на 12 милиони евра, што нема да претставува никаков проблем за Јунајтед.