Се чини дека титулата е се подалеку, а епизодата во Лигата на шампионите ќе биде завршена многу скоро, па како што стојат работите „граѓаните“ ќе останат без трофеј.
Како тоа ќе влијае врз судбината на Мануел Пелегрини?
Тоа ќе зависи од Пеп Гвардиола, Чики Бегристајн и Феран Соријано се надеваат дека ќе успеат да го убедат Каталонецот да го превземе кормилото, но тој има договор со Баерн до 2016-та година.
Доколку тој остане во Баварија, Чилеанецот би можел и трета сезона во низа да ја започне на клупата на Сити.
Како што сега стојат работите, тој ќе остане без Милнер, најверојатно ќе биде продаден Јоветиќ, а можно е Јаја Туре да го напушти „Етихад“, иако тоа е неверојатно.
Сити сака да направи револуција во средниот ред, па поради тоа планираат да доведат англиски играчи на кои нема да им биде потребно многу да се прилагодуваат.
На листата е Џек Вилшер кој има договор за уште три сезони со Арсенал, никогаш не успеа да прерасне во статус на вечен талент, иако блеска од време на време, но и повредите се голем проблем. Ако нависти Сити понуди 40 милиони за Англичанецот, во Арсенал сигурно ќе се замислат за понудата.
Покрај Вилшер, Сити го сака и одличниот Рос Баркли од Евертон, а подготвени се да платат повеќе од градскиот ривал, но и Ливерпул, за 21-годишниот фудбалер кој има договор до 2018-та.
На листата е и Арон Кресвел од Вест Хем кој е поевтин, но и постар, овој лев бек има 25 години, а неговото евентуално доаѓање би значело заминување или на Коларов или на Клиши.
И на десната страна од теренот би можеле да видиме промена, затоа што Бакари Сања не е задоволен од минутажата, сака да го напушти клубот, па ќе видиме како ова ќе заврши.