16 мај, 2024
ПочетнаИНТЕРЕСНОЛајпциг мора да се победи

Лајпциг мора да се победи

althaus indi

ЖРК Вардар наредните две недели ќе одигра три натпревари од чии исход во многу нешта ќе зависи понатамошниот тек од сезоната особено во Лигата на шампионките. Прв во таа низа на натпревари е дуелот со Лајпциг (28-ми февруари), а потоа ќе следува гостувањето кај Крим Меркатор и мечот со Динамо Синара во Скопје.

„Клубот влегува во низа од три натпревари кои се клучни за пласман во елиминационата рунда. Вардар по потешкиот пат ќе се обиде да избори пласман на завршниот турнир. Доколку сме голема екипа и сме сериозен тим можеме тоа да го направиме“, вели претседателот на клубот Гордана Нацева.

Мечот против Лајпциг секако дека е можност за вардаровите ракометарки да им се реваншираат на противничките за поразот во првиот меч (26:23). Во пресрет на натпреварот Лајпциг стои нешто подобро на табелата бидејќи има бод повеќе од Вардар.

„Ни следуваат три многу важни натпревари, првиот е против Лајпциг. Имавме десет дена со „мирни глави“ да се подготвуваме за натпреварот и да го анализираме противникот. Задоволна сум како девојките работеа на тренинзите. Очекувам победа“, рече на прес конференцијата тренерот на ЖРК Вардар Индира Кастратовиќ.

За овој натпревар во тимот на Вардар ќе се врати Татјана Хмирова која поради повреда не играше четири месеци, но како што вели Кастратовиќ таа сеуште не е целосно подготвена, но веројатно ќе добие одредена минутажа.

„Добро ја познавам екипата на Лајпциг и поради тоа очекувам тежок меч. Тие нема што да загубат на овој меч, ние сме тимот кој мора да притисне од почетокот. Работевме напорно, го анализиравме мечот кој го загубивме и на кој не одигравме како што посакувавме. Добро трениравме и сите девојки се фокусирани на овој меч“, изјави Ања Алтхаус.

Натпреварот в сабота во СЦ „Јане Сандански“ ќе започне во 19 часот. Во пресрет на мечот во Групата 1 води Будуќност со 13 бодови пред Динамо Синара 10, Турингер 6, Лајпциг 6, Вардар 5 и Крим Меркатор 2.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП