2 мај, 2024
ПочетнаИНТЕРЕСНОПродолжува Лигата на шампиони, Челзи гостува во Париз

Продолжува Лигата на шампиони, Челзи гостува во Париз

ch liga

По зимската пауза, во вторник, ќе продолжи натпреварувањето во фудбалската Лига на шампиони. Во наредните две недели ќе се одиграат првите осминафинални натпревари, програмата во вторник ги нуди мечевите ПСЖ – Челзи и Шахтјор – Баерн Минхен.

Дуелот на ПСЖ и Челзи е дерби во оваа фаза од Лигата на шампионите и воедно реприза на нивниот минатосезонски четвртфинален двобој. Лани нивниот двомеч донесе многу драма, а на крајот Челзи се пласираше во полуфиналето.

„ПСЖ се подготвува за овој меч, ќе се обидат да ни се реваншираат за лани. Оваа година Челзи е уште подобар во нападот, играме атрактивно. Не се согласувам со кометарите дека ПСЖ е безопасен. Ранет и уморен тим. Тие, исто како и ние, се подготвуваат за овој натпревар“, изјави напаѓачот на Челзи, Дидие Дрогба.

ПСЖ од почетокот на сезоната не игра во најдобра форма, викендов на домашен терен прокоцка предност од 2:0, а во пресрет на мечот, тренерот Блан се соочува и со кадровски проблеми, Тијаго Мота и Блез Матуиди би можеле да го пропуштат натпреварот.

„Ние сме посилни во однос на лани, навивачите не „влечат“ напред. Ќе биде ова многу поразличен меч од оној во минатата сезона“, смета капитенот на ПСЖ, Тијаго Силва.

Во вториот натпревар ќе играат Шахтјор и минхенски Баерн. Натпреварот кој ќе се одигра во Л’вов ќе биде првиот официјален меч меѓу овие две екипи.

„Секако дека Баерн е фаворит, но во фудбалот чуда се случуваат“, рече стратегот на украинскиот тим, Мирчеа Луческу.

Играчите на Шахтјор третпат последователно играат осминафинале во ЛШ, но во оваа фаза немаат победа на последните четири натпревари. Исто така, Шахтјор нема постигнато гол на последните три натпревара кога играл против германски екипи.

Од друга страна, баварците во мечот со Шахтјор влегуваат по убедливата победа од 8:0 над Хамбургер.

„Никогаш не е лесно да се игра во Украина, особено во овој период од годината, но ние сме Баерн и ќе се обидеме да победиме. Знаеме дека ќе биде тешко, го почитуваме противникот, но можеме да победиме“, изјави дефанзивецот на германскиот првак Мехди Бенатија.

Реванш натпреварите во Лондон и Минхен ќе се одиграат на 11-ти март.

Инаку, во среда ќе играат Базел – Порто и Шалке – Реал Мадрид, а наредната недела ќе играат Јувентус и Борусија Дортмунд, односно Манчестер Сити и Барселона (24-ти февруари) и Арсенал – Монако, Баер Леверкузен – Атлетико Мадрид (25-ти февруари).

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП