Милијардерот Дитмар Хоп официјално ја презеде контролата над Хофенхајм. Бизнисменот, кој веќе 25 години е главен инвеститор во малиот клуб од Баден-Виртемберг, досега имаше право да поседува до 49% од акциите, но по неодамнешната промена во Правилникот на Германската фудбалска федерација, тој стекна право да го земе контролниот пакет на акции.
Досега во Германија само големите компании како „Volkswagen“ (Волфсбург) и „Bayer“ (Леверкузен) имаа право на 50% + 1 од акциите. Модификација на ова правило веќе им овозможува и на приватните инвеститори да имаат над 50% од акциите, задржувајќи го барањето тие да го поддржувале клубот барем во последните 20 години.
74-годишниот Хоп, кој е ко-основач на софтверската компанија „SAP“, инвестира во Хофенхајм и во други клубови од регионот од 1989-та година па наваму. За овој период тој дал над 350 милиони евра за играчи, центри за обука, подобрување на стадионот, како и на инфраструктурата околу него.
Во 2007-ма година клубот, кој пред тоа секогаш играл во регионалните лиги, влезе за прв пат во својата историја во горниот ешалон. По одлуката на одборот на директори на Хофенхајм да дадат целосна контрола на Хоп, клубот стана првиот во Германија, кој ќе има единствен сопственик. Се очекува втор таков тим да биде Хановер 96, но тоа ќе се случи најрано во 2018-та година, кога Мартин Кинд ќе ги достигне потребните 20 години инвестиции во клубот.