Џанпјетро Манети е именуван за нов претседател на фудбалскиот клуб Парма. Манети пред себе има тешка задача, тој треба да го извлече клубот на кој му се заканува банкрот.
Манети е генерален директор на консултантската компанија Mapi Group регистрирана во Словенија, а која наводно е тесно поврзана со рускиот енергетски гигант Gazprom. Инаку оперативниот дел на спасувањето на Парма треба да го водат Флоренцо Алборгети и Пјетро Леонарди.
„Во трка сме со времето, но на крајот ќе успееме да ги подмириме обврските“, изјавил Манети.
Играчите и стручниот штаб на Парма, последнопласираниот клуб во Серија А, последните плати ги примиле пред шест месеци поради што се заканија со тужби доколку клубот до 16.февруари не им ги исплати заостанатите плати.
Според проценките, вкупниот долг на Парма во моментов изнесува 50 милиони евра.
Парма по 21 одигран натпревар во Серија А има освоено само девет бода и тешко дека ќе може да избори опстанок.