Манчестер Сити го финализираше трансферот на напаѓачот Вилфред Бони од Свонси. 26-годишниот напаѓач потпиша договор за 4.5 години со „граѓаните“, соопштија од клубот.
Сити ќе плати 25 милиони фунти за напаѓачот и може да додаде уште три, во зависност од настапите на Бони во дресот на „граѓаните“.
Тој ќе го носи дресот со број 14 во Манчестер Сити.
“Се чувствувам одлично. За мене е огромна чест и предизвик да бидам тука. Секој фудбалер сака да игра во некој од најголемите клубови во светот и сега ја добив оваа голема можност. Со нетрпение го чекав овој момент и тој дојде“, изјави Бони во првото интервју како играч на „граѓаните“.
Напаѓачот го парафирал договорот кој е испратен по факс, бидејќи тој во моментов е со репрезентацијата на Брегот на Слоновата Коска на подготовки за Купот на африканските нации.
Бони постигна 9 гола во 22 натпревари за Свонси во оваа сезона. Фудбалерот премина во Свонси во 2013-та година за 12 милиони фунти од Витезе.
Зделката го направи Вилфред Бони еден од најскапите африкански фудбалери во историјата.