Каде и да се појави на црвениот тепих, околу него се рефлекторите, блицевите, камерите, тоа е животот на Дејвид Бекам. „Селебрити“ стилот кој го следи уште од времето кога играше за Манчестер Јунајтед го донесе и во Париз. А токму целиот тој гламур што го носи со себе во последните години секогаш е пред неговите фудбалски квалитети. Свесен е и самиот Бекам дека многумина го гледаат како „златна кокошка“ во рацете на неговите работодавци.
„Ако можам да допринесам во тоа клубот да продаде многу мои дресови, не е проблем, тоа е сосема во ред. Одлично е чуството да се видат луѓе како носат дрес со моето име. Во минатото се наслушав многу такви приказни дека сум доведен само да се продават дресовите со моето име, и во Реал, Милан, Галакси, па сега и во ПСЖ“, изјави Бекам за француските медиуми.
Англичанецот сака луѓето малку повеќе да посветат внимание на тоа што го покажува на теренот, затоа што, како што вели тој, се уште не е за „фрлање“.
„Горд сум на фактот дека луѓето купуваат мои дресови, но и натаму можам да играм добар фудбал, бидете сигурни во тоа“, порачува Англичанецот.