Манчестер Сити започнува офанзива за привлекување на Марко Ројс, за кого магазинот „Кикер“ тврди дека сигурно нема да заигра во странство од следната сезона. Пред него стојат две опции – да остане во Дортмунд или да го засили Баерн Минхен.
Весникот „Билд“ информира дека Манчестер Сити за неколку дена ќе излезе со бомбастична понуда за Ројс, нудејќи му на фудбалерот годишна плата во износ од 13 милиони евра.
Во моментов Ројс добива околу 5 милиони евра по сезона на стадионот „Сигнал Идуна Парк“, а шефовите на Борусија се обидуваат да ја елиминираат клаузулата за одрекување преку нов договор со годишен надомест во износ од десет милиони евра.
Извршниот директор на „жолто-црните“ Ханс-Јоаким Вацке увери дека останувањето на Ројс во Борусија до крајот на сезоната е „105% сигурно“.
Не се знае, сепак каква би била реакцијата на Вацке, ако добие примамлива понуда од „граѓаните“ за правата на германскиот репрезентативец, за да не се активира клаузулата за одрекување од 1-ви јули 2015-та година.
Медиумите во Германија сметаат дека шефовите на Дортмунд имаат тенденција да го продадат Ројс во странство, за да не добијат нов удар од Баерн. Како што е познато, „баварците“ веќе ги „украдоа“ од Борусија, Марио Гетце и Роберт Левандовски.
Интересно е дали воопшто Ројс ќе се согласи да преговара со Манчестер Сити. На крајот на минатата сезона Гетце изјави дека сонот на Марко е да заигра во Манчестер Јунајтед.
И натаму останува неизвесна судбината на Ројс за кого покрај Сити и Баерн, интерес има и од Реал Мадрид, Барселона, Манчестер Јунајтед, Ливерпул, Арсенал, ПСЖ и Јувентус.