ФИФА официјално ги објави имињата на кандидатите за „Златната топка“ за 2014-та година. Конечната одлука, кој ќе биде победникот, ќе ја донесат капитените и селекторите на националните тимови, како и претставници на медиумите, избрани од „France Football“.
Наградите на победниците од сите категории ќе бидат официјално врачени на специјална церемонија во Цирих на 12-ти јануари.
Листата од 23 кандидати за „Златната топка“ е составен од фудбалски експерти од фудбалскиот комитет на ФИФА, како и од група експерти од „France Football“.
На 1-ви декември, на специјално шоу, ќе бидат објавени имињата на тројцата фудбалери кои собрале најмногу гласови за исклучително вредниот трофеј.
Најмногу претставници на листата имаат играчите на Баерн Минхен (Марио Гетце, Филип Лам, Томас Милер, Мануел Нојер, Ариен Робен, Бастијан Швајнштајгер) и Реал Мадрид (Герет Бејл, Карим Бензема, Кристијано Роналдо, Тони Крос, Серхио Рамос, Хамес Родригез).
Екипата на Барселона има четворица играчи кои претендираат за наградата – Андрес Иниеста, Хавиер Маскерано, Лионел Меси и Нејмар.
Челзи може да се пофали со тројца – Диего Коста, Тибо Куртоа и Еден Азар.
Останатите номинирани се: Анхел Ди Марија (Манчестер Јунајтед), Златан Ибрахимовиќ (ПСЖ), Јаја Туре (Манчестер Сити) и Пол Погба (Јувентус).
ФИФА и „France Football“ заедно со номинациите за „Златната топка“ ги објави претендентите за најдобар тренер во светот за 2014-та година. Од десеттемина номинирани, четворица се национални селектори.
Кандидатите за наградата оваа година се: Јирген Клинсман (САД), Јоаким Лев (Германија), Алехандро Сабеја (Аргентина) и Луис ван Гал (Холандија, сега менаџер на Манчестер Јунајтед), Карло Анчелоти (Реал Мадрид), Антонио Конте (Јувентус) Пеп Гвардиола (Баерн), Жозе Мурињо (Челзи), Мануел Пелегрини (Манчестер Сити) и Диего Симеоне (Атлетико Мадрид).