Менаџерот на Манчестер Јунајтед, Луис ван Гал ќе понуди 20 милиони фунти во текот на зимата на Барселона за дефанзивецот Жерард Пике, информира весникот „Дејли Стар“.
27-годишниот централен дефанзивец веќе изрази желба да остане на стадионот „Ноу Камп“, но од Јунајтед не се откажале од нивната желба да го вратат на „Олд Трафорд“.
Во моментов се смета дека главниот приоритет на Ван Гал е да се земе нов дефанзивец, кој ќе дејствува во срцето на одбраната. Токму таму се кријат најголемите слабости на „црвените ѓаволи“ во оваа сезона.
Холанѓанецот го става под прашање квалитетот на Фил Џонс, Џони Еванс и Крис Смолинг, а сериозни колебања во играта покажува и Маркос Рохо.
Пике нема сигурно стартно место во формацијата на Луис Енрике, а според изданието Ван Гал има намера да го примами со гарантирано место во стартната постава на Јунајтед и да ја гради дефанзивната линија во тимот врз основа на него.