Тренерот на Реал, Карло Анчелоти изјави дека би сакал да се врати во Англија и пред завршување на кариерата уште еднаш да стане менаџер на некој премиерлигаш.
Анчелоти беше на чело на Челзи од 2009-та дo 2011-та година кога со лондонскиот клуб ја освои титулата првак и ФА купот.
„Би сакал да се вратам во Англија. Бев среќен во Челзи, убави спомени ме врзуваат за тој период и ми се допаѓаат навивачите и атмосферата на стадионите. Се зависи колку ќе трае авантурата во Реал. Доколку потрае, дефинитивно ќе ја завршам кариерата, во спротивно се враќам во Англија“, вели Анчелоти.
Италијанскиот стратег додаде дека не би имал ништо против да се врати во Челзи, иако од „Стемфорд Бриџ“ си замина поради несогласувањата со Абрамович.
„Немам проблем со Абрамович, но сметам дека тој нема да го промени мислењето. Тоа беа две убави години во мојата тренерска кариера. Тука не станува збор само за посебен клуб, туку за целата атмосфера, но секако не би можел да одбијам таква понуда“, додава Анчелоти.
Тој во текот на кариерата беше тренер на Реџина, Парма, Јувентус, Милан и ПСЖ.