6 октомври, 2024
ПочетнаИНТЕРЕСНОПремиерлигашите потрошија најмногу во овој преоден рок

Премиерлигашите потрошија најмногу во овој преоден рок

175_premier_league

Откако застана на чело на Манчестер Јунајтед, менаџерот Луис ван Гал вети дека клубот ќе потроши многу пари во обид да ја врати изгубената позиција по повлекувањето на Сер Алекс Фергусон и слабата сезона на Дејвид Мојс.

Холанѓанецот го исполни своето ветување и „црвените ѓаволи“ поставија нов рекорд за потрошени средства за привлекување на нови играчи во рамките на еден трансфер прозорец во Англија – 149 милиони фунти, објави „БиБиСи“ според податоците на „Deloitte“.

На последниот ден на прозорецот, рекордерот по титули на Англија, оствари две трансакции, го купи Далеј Блинд од Ајакс за 13.8 милиони фунти и го зеде под наем Радамел Фалкао од Монако за 6 милиони фунти (и опција да го купи за 43.5 милиони фунти во текот на летото).

Пред тоа Манчестер Јунајтед му плати 59.7 милиони на Реал Мадрид за Анхел ди Марија, со што постави нов рекорд за дојдовен трансфер во британскиот фудбал. Другите нови засилувања на тимот беа Лук Шо, Андерс Ерера и Маркос Рохо.

Во исто време „црвените ѓаволи“ заработија малку над 30 милиони фунти од продажбата на Дани Велбек во Арсенал, Шинџи Кагава во Борусија Дортмунд, Александар Бетнер во Динамо Москва, Бебе во Бенфика и позајмицата на Хавиер Хернандез во Реал Мадрид.

Втора година по ред Премиер лигата исто така го собори рекордот за потрошени средства во рамките на еден трансфер прозорец. Ова лето, потпомогнати од новиот договор за телевизиските права, 20-те клуба во англиската елита инвестираа 835 милиони фунти.

Претходниот рекорд од 630 милиони, кој беше поставен во минатото лето, беше подобрен уште на 14-ти август.

Ливерпул е на второ место по потрошени средства во Премиер лигата со 117 милиони фунти за Марио Балотели, Адам Лалана, Лазар Марковиќ, Дејан Ловрен, Алберто Морено, Рики Ламберт, Емре Чан, Дивок Ориген и Хавиер Манкињо кој беше земен под наем .

„Црвените“ сепак добија 82 милиони од продажбата на Луис Суарез во Барселона.

Челзи потроши 91.3 милиони за Диего Коста, Цеск Фабрегас, Филипе Луис, Лоик Реми и Марио Пасалиќ, а Арсенал 82 милиони за Дани Велбек, Алексис Санчез, Калм Чемберс, Метју Дебуши и Давид Оспина.

Саутемптон е на петтото место со 74.9 милиони, но во исто време продаде играчи за 92 милиони.

Од водечките тимови најскромен беше шампионот Манчестер Сити, кој потроши малку повеќе од 50 милиони за Елијаким Мангала, Фернандо, Вили Кабајеро и Бруно Џукулини.

Според податоците на „Deloitte“, Премиер лигата повторно е значително пред Примера, каде за нови играчи беа потрошени 425 милиони фунти. Речиси целата сума во Шпанија сепак доаѓа од џебовите на Реал, Барселона и Атлетико.

Во Серија А беа потрошени 260 милиони фунти, а во Бундеслигата – 250 милиони. За разлика од претходниот трансфер прозорец во француската лига 1 ова лето во нови играчи беа инвестирани „само“ 100 милиони.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП