Манчестер Јунајтед испрати понуда до Арсенал за купување на белгискиот централен дефанзивец Томас Вермален за 15 милиони фунти, тврди „Daily Mail“.
Според изданието, главен конкурент за потписот на играчот е Барселона, која претходно на „топџиите“ им предложи 10 милиони фунти. Лондончани пред се сакаат да го продадат 28-годишниот дефанзивец на каталонците, отколку на конкурентот Јунајтед.
Поради оваа причина новиот менаџер на „црвените ѓаволи“ Луис ван Гал е принуден да ги примами „топџиите“ со посериозна сума.
Вермален премина во Арсенал од Ајакс во 2009-та година. Минатата сезона дефанзивецот кој претходно беше капитен на тимот, го загуби своето место во стартниот состав. Тој вкупно запиша 21 натпревар, а 14 од нив во Премиер лигата. Неговиот договор со Арсенал е до крајот на јуни 2015-та година, па затоа клубот сака да го продаде по секоја цена во текот на летото.
На Светското првенство во Бразил, Вермален беше во почетниот состав на Белгија против Русија, но заработи повреда, беше заменет во првото полувреме и повеќе не играше на Мундијалот.