Капитенот Филип Лам става крај на својата кариера во германската репрезентација, откако ја освои светската титула со Бундестимот на СП 2014 во Бразил, соопшти „Билд“. Весникот се повикува на свој извори блиски до тимот.
30-годишниот фудбалер на шампионот Баерн ја има донесено одлуката уште пред светското првенство, но ја чуваа во тајност до финалето во Бразил. Агентот Роман Грил ја потврди желбата на Филип Лам.
„Уште во понеделникот му реков на Јоаким Лев дека ќе се повлечам од националниот тим. Оваа одлука ја донесов за време на минатата сезона„, изјави самиот Лам, кој крена Светскиот куп на „Маракана“ и потоа го покажа пред околу 400.000 фанови на Бундестимот пред Бранденбуршката порта во Берлин.
Дефанзивецот ќе продолжи да игра за Баерн, но Јоаким Лев веќе нема да може да смета на него во националниот тим. Договорот на Лам со баварците е до летото 2018-та година. Во својата кариера тој запиша 113 натпревари и 5 гола во дресот на Бундестимот.