Германскиот полудефанзивец Тони Крос веќе е фудбалер на европскиот шампион Реал Мадрид.
24-годишниот играч потпиша шестгодишен договор и официјално ќе биде претставен на „Сантијаго Бернабеу“ денеска во 17.00 часот.
Според „Евроспорт“, Реал ќе му плати на Баерн Минхен трансферна сума од околу 25 милиони евра, а годишната плата на Крос ќе биде 6,7 милиони евра.
„Му благодариме на Тони за неговиот престој во Баерн. Заедно уживавме во големи успеси. Му посакуваме на него и неговото семејство се најдобро во Мадрид и во Реал“, изјави извршниот директор на „баварците“ Карл-Хајнц Румениге.
Неколку минути по изјавата Реал го поздрави своето ново засилување преку својот официјален профил во „Twitter“.
24-годишниот Крос е тинејџер на Ханза Росток, а во 2006-та година заминал во академијата на Баерн. Уште на 17 години халфот имаше одлично деби за првиот тим. Тој влегува како резерва во натпреварот против Енерџи Котбус во 2007-ма година и реализирал две асистенции.
Крос една сезона и половина беше позајмен во Баер Леверкузен, каде остави одличен впечаток со своите настапи. Во 2010-та година се враќа во Баерн и оттогаш е главен играч во составот на „баварците“.
Фудбалерот има 26 гола во 205 натпревари за германскиот шампион, како и седум погодоци на 51 средба за репрезентацијата.
Крос имаше исклучително добар настап на светско првенство, постигнувајќи два гола, а заврши како лидер меѓу асистентите со четири реализации и беше номиниран за играч на турнирот. Тој го освои првото место меѓу сите играчи според индексот на „Кастрол“ со рејтинг 9.79.
Како што соопштува „АС“,Колумбискиот репрезентативец и голгетер на СП 2014 во Бразил, Хамес Родригез ќе премине во Реал Мадрид за неколку дена.
23-годишниот фудбалер ќе потпише со „кралскиот клуб“ за пет сезони до летото 2019-та година. „Кралевите“ ќе платат за него 70 милиони евра, а како дел од договорот, кон Франција ќе замине и дефанзивниот играч Каземиро.
Се очекува Хамес Родригез во Реал Мадрид да го замени аргентински репрезентативец Анхел Ди Марија кој најверојатно повеќе нема да биде дел од тимот од „Сантијаго Бернабеу“.